Мачката умре завчера. Не можам да кажам дека „ми умрела“, бидејќи не се сакавме многу. Таа беше шмизла, како и најголемиот број на мачки, а јас не сакам шмизли.
Последен пат ја видов како лежи на плочките во wc-то. Половина од телото и беше на ладните плочки, а половина на меката крпа. Моите намерно ја ставија таму. Не можеше да додржи да стигне до wc-то до кутијата со песок. Едвај одеше.
Гледајќи ја, сфатив дека не мрда воопшто. Ми изгледаше како да не дише. Се исплашив малку (велам малку, бидејќи беше многу стара и само чекавме да се случи неизбежното) и останав да ја гледам некое време. По пола минута мрдна. Јас издишав… добро е, тука е. Спиеше, па не сакав да ја будам.
Излегов. Гледав филм и половина. Се насмеав неколку пати. Спиев. Јадев јаболка, пиев кафе. Оговарав малку. Купив чанта. Па пак оговарав. Примив честитки, се видов со симпатија. Се препотив многу пати. За среќа не пред него. Се вратив конечно дома.
„Замина.“
Ете, си реков. Замина. Замина сама. Замина без да биде погалена уште малку. Без некој да и` каже дека е во ред, дека утре пак ќе и` се лути што повратила на креветот или се измочала во ходник.
Сигурно било темно и ладно. И била сама. Сигурно додека јас сум се насмеала тие неколку пати или додека дома се гледале „Кога лисјата (што и да прават)“. Можеби била гладна.
И` било темно и ладно.
И мене ли ќе ми биде темно и ладно?
Се фатив себе си како солзи ми се слеваат по образите, два дена покасно (од ракија!). И не е „проблемот“ во тоа што нема да ја погалам пак, нема да и` се развикам пак или што таа нема да може да се помоча на некој мебел во куќата.
„Проблемот“ е што ја доживеав „себичноста“, повторно.
Како ли ќе биде со мене?! И јас ли ќе останам сама, во темница? Ќе ми биде ли ладно? Ќе бидам ли без некој во мојов живот кој би ме држел за рака и би ми рекол да не се плашам? Или ќе мора јас сите „тие“ да ги испратам пред мене, останувајќи секој пат со прашањето колку ќе се плашам и дали некој воопшто би ме утешил.
А што би било подобро?
Би била ли подготвена?
Би била ли подготвена САМА?



секој полу-успешен обид да не се расплаче кога ја споделував својата визија за иднината – голема куќа за нас две во некое предградие каде што конечно би си имала своја соба со огледало и масичка до големиот кревет; објаснувањата зошто Фекалинда треперела кога Курио ќе ја погледнел и зошто тоа не било само сексуално; трпението за секое мое расплакување на „Орлите рано летаат“ или „Децата од Павловата улица“ со обиди да ми објасни дека таквите чувства многу ретко ќе ги сретнам кај други луѓе (ако по некое чудо успеам и сама да ги одржам). Обожавав кога им контрираше на сите кои ме убедуваа дека ќе сум станела докторка. Обожавав што можев се да и кажам. Се уште обожавам што ми внесе во глава (теоретски а богами и практично) дека секој може без секого.
